ВИДЕО: Ибраими пред историја, Шкендија лесно ја доби пресметката со Ренова

Во последното тетовско градско дерби за оваа сезона, во рамките на 35. коло на ПМФЛ, Шкендија уште еднаш покажа шампионска игра и со 0-3 (0-3) ја совлада Ренова.

Патот до победата на Шкендија ѝ го трасираше Бесарт Ибраими, кој се бори да влезе во историјата на македонскиот фудбал, како единствен фудбалер кој трипати по ред станал најдобар стрелец во ПМФЛ. Досега, по двапати во низа најдобри стрелци во ПМФЛ биле Арѓент Беќири, во дресот на Слога Југомагнат, како и Ивица Глигоровски од Милано.

По почетното испитување на силите, црвенo-црните“ го зададоа првиот удар. Се играше 18. минута, топката од десната страна беше упатена до срцето на шеснаесетникот, а Бесарт Ибраими немаше проблеми да ја смести во мрежата на Ренова (0-1).

Уште не соземени од првиот шок, за „гипсарите“ следеше нов. Радески втрча во шеснаесетникот, несебично ја врати топката до Ибраими, кој со помош на гредата зголеми на комотни 0-2 (со денешните два гола Ибраими се доближи до испишување на нова историја во мак-фудбалот). Во 30. минутз избраниците на Османи уште еднаш го матираа домашниот голман, Ибраими ја искористи грешката на Ренова, додаде до Стенио Жуниор, а овој погоди за убедливи 0-3, резултат, кој гласеше по првите 45 минути.

Вториот дел започна со иницијатива на Шкендија, но ударите од далечина за среќа по Велии завршија покрај голот. Во последните 20-тина минути се играше главно на средината на теренот, „гипсарите“ се обидуваа да го постигнат својот почесен погодок, но сите нивни обиди завршуваа околу шеснаесетникот на Шкендија и 0-3 остана како конечен резултат.

Завесата во ПМФЛ се спушта претстојниот викенд - Шкендија го пречекува Пелистер, а Ренова оди на гости кај Победа, која грчевито се бори за опстанок.