ВИДЕО: Ибраими човек на одлука, Шкендија првпат го победи Арсими!

Фудбалерите на Шкендија првпат го победија Арсими (1-0) во официјален натпревар од ПМФЛ. По ремито во Тетово и поразот во Гостивар, тетовскиот фаворит успеа да го скрши отпорот на овој противник. Херој на победата беше најдобриот стрелец во мак-фудбалот Бесарт Ибраими. Шкендија успеа да се врати на победите по минатонеделното реми со Брера и одржа чекор со водечкиот Вардар. 

Првиот дел тргна со израмнета игра без многу возбудувања. Тетовскиот тим беше поактивен и се обидуваше да се наметне, меѓутоа вистинските шанси изостануваа. Сепак, Шкендија успеа да стигне до предност по 18 минути игра, откако Бесарт Ибраими го пронајде патот до мрежата на гостите. Капитенот на шампионот доби топка во средината на противничкото поле, потегна напред и од околу 20 метри испрати прецизен удар матирајќи го голманот Ислами за 1-0. Шкендија во продолжението од првиот дел имаше контрола, меѓутоа не креира ништо конкретно пред гостинскиот гол.

Во вториот дел момците на Јетон Беќири продолжија со исто темпо, имаа две полушанси како опомена за гостите кои беа инфериорни. Арсими успеваше да го одбие домашниот налет, а најголемата шанса во вториот дел ја имаше Фабрис Тамба. Сепак, неговиот удар со рефлексна интервенција го скроти голманот Ислами, а потоа се обиде и Трумчи од далечина. На крајот Арсими го одбрани голот, ама не успеа да креира нешто конкретно за враќање во натпреварот.

Со оваа победа Шкендија одржа чекор со водечкиот Вардар и има три бода помалку од лидерот. Од друга страна Арсими со 26 бода е осмопласиран во борбата за директен опстанок во лигата.