• Саше Љолес

Легендарниот шведски фудбалер Златан Ибрахимовиќ повторно се повреди пред само неколку дена и се чини дека сезоната за него е веќе завршена. 41-годишниот ветеран ќе треба да помине низ тримесечен процес на рехабилитација, а веќе е извесно дека Милан нема да му го продолжи договорот.
Информациите од Апенините велат дека голгетерот најверојатно ќе одигра уште една сезона во новиот прволигаш, Монца. Клубот кој е во сопственост на Силвио Берлускони и Адријано Галијани, би сакал да го види Швеѓанецот со босанско потекло во своите редови и со своето искуство да му помогне на тимот во следната кампања. Според „Кориере де ла сера“, Ибрахимовиќ веќе ги започнал преговорите со управата на Монца и најверојатно ќе инкасира околу 3,5 милиони евра за ангажманот.
Zlatan Ibrahimović (41) is closing in on a move to AC Monza, with the striker leaving Milan at the end of the season. (FM)https://t.co/9rj1rB0Q7v
— Get French Football News (@GFFN) May 4, 2023
Многумина во Италија одамна се сомневаат дека „Ибракадабра“ ќе успее да се врати во посакуваната форма, особено поради фактот што следната сезона ќе има 42 години, но тој самиот многу пати изјавуваше дека не сака да се пензионира. Останува да видиме дали телото на Ибрахимовиќ ќе биде способно за регенерација од повредата и дали извонредниот напаѓач ќе заигра за Монца догодина.
Во својата кариера Златан Ибрахимовиќ освои вкупно 34 трофеи, а му недостасува само пехарот од Лигата на шампионите. Во 24-годишното активно играње професионален фудбал, поранешниот шведски репрезентативец постигна над 450 голови во сите официјални и пријателски натпревари.