Ибрахимовиќ и Анри жестоко по Роналдо: „Екипата треба да даде гол, не ти!“

По шокантното реми на Португалија против Демократска Република Конго на Светското првенство, во центарот на вниманието се најде Кристијано Роналдо, чија игра и одлуки предизвикаа бројни реакции.

Легендарните напаѓачи Златан Ибрахимовиќ и Тиери Анри, кои сега работат како ТВ аналитичари, упатија критики кон 41-годишниот напаѓач по една спорна ситуација во нападот.
Анри посочи дека Роналдо направил погрешен избор кога влегол во патеката на Бруно Фернандеш, наместо да направи движење кое ќе отвори простор за соиграчот.

„Да направеше правилно движење, ќе го натераше дефанзивецот да реагира и тоа ќе беше лесен гол за Бруно. Но, тој сакаше самиот да постигне гол. Екипата треба да даде гол, не ти“, изјави Французинот.

Со неговото мислење се согласи и Ибрахимовиќ, кој нагласи дека како напаѓач мора да се повлече дефанзивецот за да се отвори простор за соиграчите.

„Очигледно е дека донесе погрешна одлука“, кратко и јасно порача Швеѓанецот.

Настапот на Роналдо повторно отвори дебата за неговата улога во тимот и дали индивидуалните амбиции понекогаш се ставаат пред колективниот интерес на Португалија.