Ибра отиде „под нож“ и го чека долга пауза, ама ќе продолжи со Милан!

Златан Ибрахимовиќ беше еден од главните протагонисти на Милан при освојувањето на првото скудето по пауза од единаесет години. Иако Швеѓанецот со босански корени сезонава не беше многу корисен на теренот, тој со своето присуство, мотивациски говори и совети, сериозно влијаеше на младиот тим.

Иако сите веруваа дека ова ќе биде крај за него, Ибрахимовиќ реши дека е време за операција на коленото. Милан ги потврди овие информации преку официјално соопштение, во кое е потврдена и долгата пауза по зафатот.

„Милан објавува дека Златан Ибрахимовиќ подлегна на операција на левото колено. Овој зафат беше планиран веќе некое време за дефинитивно да се реши проблемот со коленото и лигаментите. 

Операцијата беше комплетирана успешно и прогнозите се дека Златан ќе се врати за седум-осум месеци“, стои во соопштението.

Според најавите од извори блиски до клубот, Милан има спремен договор на уште една сезона за Ибрахимовиќ со плата од 2,5 милиони евра. Иако напаѓачот ќе биде во аут до крајот на годината, од таборот на „росонерите“ го ценат неговото искуство и присуство, а се надеваат дека ќе помогне во втората полусезона догодина. 

Во октомври Ибрахимовиќ ќе наполни 41 година, меѓутоа и самиот тој е спремен и мотивиран да остане во Милан сè додека има можност било како да помогне.