ВИДЕО: Ибра направи глупост, Милан до важна победа кај Парма

Екипата на Милан забележа важна победа на гостувањето кај Парма (1-3) и се зацврсти на втората позиција која следната сезона води во Лигата на шампионите.

  • Парма - Милан 1-3:

„Росонерите“ го имаа мечот под контрола, но лесно можеше во финишот да останат без полн плен. Причина беше глупоста на Златан Ибрахимовиќ, кој во средината на второто полувреме му дофрли нешто на судијата и заработи директен црвен картон. Милан потоа прими гол, но важно за тренерот Пиоли е дека ја задржа победата.

Дуелот на стадионот „Енио Тардини“ се отвори во 9. минута, кога Анте Ребиќ по асистенција на Ибрахимовиќ донесе предност за гостинот. Пред самиот крај на првиот дел Ернанез го проигра Кеси, а тој зголеми на 0-2, за по паузата, да следи исклучувањето на Ибра и гол на Гаљоло во 66. минута (1-2). Во самиот финиш, односно во судиското надополнување, Парма бараше пенал, потоа имаше и добра шанса, ама не реализира за нерешено. Тоа го казни Леао, за конечни 1-3.

Милан ја забележа деветнаесеттата победа во Серија А сезонава и има 63 бода.

На вториот денешен натпревар Специја со магичен пресврт славеше над Кротоне (3-2). Поради головите на Џиџи и Сими, Кротоне имаше предност од 1-2 (претходно за Специја стрела Верде), но во 89. и 92. минута домаќините дадоа два брзи гола преку Маџоре и Ерлик, за голем триумф.