Ибра му одговори на Бобан: Кога лавот заминува, доаѓаат мачињата, а кога лавот ќе се врати... 

Златан Ибрахимовиќ не му остана должен на Звонимир Бобан. Поранешниот капитен на Хрватска ја коментираше позицијата на Ибрахимовиќ во Милан во интервју за „Газета Дело Спорт“ минатата недела.

„Златан е генијалец и ќе му бидам благодарен до крајот на мојот живот бидејќи од љубов се согласи да се врати во Милан и со тоа ја промени поновата историја на клубот. Но, сега не ми е јасно што прави во Милан и кои се неговите задачи за да можам да го оценам“, изјави Бобан.

Ибрахимовиќ пред почетокот на Лигата на шампионите и натпреварот помеѓу Милан и Ливерпул му одговори на Бобан.

„Кога лавот заминува, доаѓаат мачињата; кога лавот ќе се врати, мачињата бегаат. Додека некои зборуваат премногу, јас мислам само на работа. Бобан не ја сфати мојата улога? Мојата улога е едноставна од првиот ден: јас сум шеф и сите останати работат за мене. Работиме во тишина“, изјави Ибра.

Во Италија се шпекулира дека Ибрахимовиќ е под лупа во клубот, бидејќи постојат сомневања дека причината за отказот на тренерот на младинскиот тим, Абате, била поради фактот што тренерот не сакал да го игра синот на шведската легенда.