Иако не освои трофеј, Солскјер сериозно се збогати во Јунајтед

Клупската легенда на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер потфрли на тренерското место оваа сезона и заработи отказ. По лошите партии во Премиер лигата и Лигата на шампионите, челниците на „ѓаволите“ решија да направат тренерска смена, па Норвежанецот беше отпуштен. 

Како привремена замена на клупата седна Мајкл Керик, кој тргна со победа во елитното европско друштво кај Виљареал (0-2). Клубот разгледува опции, во моментов нема многу слободни елитни тренери, па можно е Керик да остане некое време на позицијата. 

По отказот, медиумите на Островот открија колку Солскјер заработил од 2018 година досега во клубот. Со оглед на тоа што не успеа да донесе ниту еден трофеј во клупските витрини, превисоки изгледаат примањата од околу триесет милиони евра. Покрај платите, Манчестер Јунајтед ќе му исплати околу 7,5 милиони како отштета за прекинот на договорот на Солскјер, што е дефинитивно премногу за тоа што го покажа на клупата.