И славниот Венгер против Инфантино: ФИФА мора да остане независна!

Поранешниот менаџер на Арсенал и актуелен директор за глобален развој на фудбалот во ФИФА, Арсен Венгер, јавно се дистанцираше од предлогот за вклучување приватни инвеститори во сопственичката структура на Светското првенство, нагласувајќи дека воопшто не учествувал во неговото креирање.

Венгер објасни дека за проектот дознал дури кога информациите се појавиле во јавноста и потенцираше дека единствено исправно решение било тој да биде повлечен.

„Верувам дека ФИФА треба да остане независна организација која ќе работи во интерес на фудбалот, со целосна транспарентност и интегритет. Затоа сметам дека повлекувањето на овој предлог беше вистинскиот потег“, изјави Французинот.

Неговото име се најде во документите што УЕФА ги испрати до претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, во рамки на спорот околу овој проект, при што Европската куќа на фудбалот побара да се зачуваат комуникациите на повеќе функционери како можни докази доколку дојде до судска постапка.

Под силен притисок од националните федерации и УЕФА, Инфантино во саботата се откажа од планот вреден околу 20 милијарди долари, со што засега стави крај на една од најконтроверзните идеи во поновата историја на светскиот фудбал.