И Роналдо има своја желба за нов тренер на Јувентус 

По завршувањето на сезоната, Масимилијано Алегри ја напушта клупата на италијанскиот гигант Јувентус, а веќе започнаа шпекулациите околу неговата замена. 

Во игра се повеќе истакнати тренерски имиња, а тамошните медиуми пишуваат дека и Кристијано Роналдо има своја желба. Имено, според нив Португалецот посакува во иднина да соработува со искусниот Карло Анчелоти, но оваа желба на првата ѕвезда на „старата дама“ е тешко остварлива. 

Роналдо и Анчелоти имаа одлична соработка во Реал Мадрид, но голем проблем ќе биде договорот на Италијанецот со екипата на Наполи, кој има важност од 2021 година, а пред извесен период изјави дека не планира предвреме да го напушти клубот од под Везув. 

Своевремено, односно од 1999 до 2001 година, Анчелоти го водеше Јувентус, а практично од Торино започнува неговиот тренерски раст, за потоа да седне на чело на Милан, ПСЖ, Реал Мадрид, Челзи, Баерн Минхен...