И ѕвезда на Арсенал ја доживеа истата судбина на Зајков, еве зошто добија жолти картони!

Македонија славеше со сигурни 2-0 против Ерменија во второто коло од новата сезона во Лигата на нации, но црвениот картон на Зајков остана мистерија. Првично се претпоставуваше дека нашиот дефанзивец втор жолт картон добил поради приговор кон судијата (според новото правило на ФИФА само капитените имаат право за приговор кон судијата), но вистинската причина е друга.

Имено, исто така новото правило на ФИФА вели дека секој фудбалер кој што ќе сака да задржи време со непотребно шутирање на топката, задолжително треба да добие жолт картон. Токму тоа и се случи на натпреварот во Скопје. Судијата досуди прекршок за Ерменија, а Зајков ја шутна топката кон аут-линијата. 

Истата судбина како Зајков ја доживеа и ѕвездата на Арсенал, Даклан Рајс пред само неколку седмици. Во натпреварот со Брајтон, англискиот репрезентативец исто како нашиот стопер ја шутна топката при прекин и главниот судија му покажа жолт картон, кој за него беше втор на средбата. 

„Пред стартот на сезоната на сите играчи им беше кажано дека доколку задржуваат време со шутирање на топката, ќе добијат жолт картон. Некои ќе речат дека Рајс не ја шутнал топката многу далеку, но без разлика, неговиот потег ја одложи играта и затоа мора да биде санкциониран со жолт картон“, рече некогашниот судија во Премиер лигата, Дермот Галагер.

Поради црвениот картон нашиот стопер ќе го пропушти следното коло во Лигата на нации, во кое Македонија ќе се сретне со Латвија.