Хумелс за првпат ќе игра во странство, се сели во италијански гигант

Фудбалскиот клуб Рома практично ја заврши работата за ангажирање на германскиот дефанзивец Матс Хумелс и тренерот на овој клуб Даниеле де Роси ќе добие големо засилување во тековната сезона.

Хумелс моментално е без ангажман, бидејќи договорот со Борусија Дортмунд му истече на крајот од минатата сезона, а тој сè уште нема намера да ја заврши кариерата иако веќе има 35 години.

Италијанските медиуми пренесуваат дека се водат преговори меѓу претставници на Рома и Хумелс, кој наводно од римскиот клуб бара плата од 2,5 милиони евра по сезона. Германецот е на пат кон главниот град на Италија и се очекува овој трансфер да биде комплетиран во следните неколку дена.

Германскиот фудбалер наводно одбил понуди од Баер Леверкузен, Ајакс, Вест Хем, Реал Сосиедад, Спортинг, Болоња, Мајорка, како и неколку клубови од Саудиска Арабија.

Покрај за Борусија Дортмунд, Хумелс настапуваше и за Баерн Минхен, а за германската репрезентација одигра 78 натпревари и постигна пет гола.