• Редакција Gol.mk

Голем инцидент се случи на вчерашниот натпревар од 15. коло на Третата лига - Југозапад помеѓу Волино и Преспа. Гостите, кои се веќе шампиони во оваа категорија и обезбедија бараж за промоција во Втората лига (ВМФЛ), постигнаа гол за 1-1 во 93. минута. Стрелецот Неџми Реџепи, веднаш по погодокот, беше нападнат од лице од публиката, кое го удри фудбалерот во главата,
Реџепи беше итно пренесен во болница и со часови се стравуваше за неговото здравје. Утрово стигнаа позитивни вести и фудбалерот е надвор од животна опасност. Утрово од СВР Охрид е соопштено дека напаѓачот е лишен од слобода.
„На 13 април во 22:00 часот во селото Волино, општина Дебрца, полициски службеници од СВР Охрид од слобода лишија 43-годишно лице од истото село.
Тој, по завршување на фудбалски натпревар од Третата фудбалска лига, одржан во Волино, физички нападнал 25-годишно лице од ресенското село Грнчари, фудбалер од гостинската екипа, кој бил префрлен во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид за укажување помош. По целосно документирање на настанот, против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава“, информираат од СВР Охрид.
Третолигашот од Ресен во соопштението вели дека натпреварот бил прогласен од висок ризик, а на стадионот немало ниту еден полицаец.
„Лани од Волино заминавме со скршена нога, годинава уште полошо. Човек да се запраша дали во оваа земја вреди да се игра фудбал. Се надеваме дека ќе бидат изречени соодветни санкции, за никој не ја почувствува оваа болка што ја чувствуваме кон нашиот член и најдобар играч“, се вели во соопштението на Преспа.
Натпреварот е завршен со резултат 1-1, а по инцидентот се очекува теренот во Волино да биде суспендиран на подолг период.