ВИДЕО: Хрватско шоу на „Максимир“ - убедливо совладана Грција во првиот бараж дуел

Во првиот натпревар од двата бараж дуели за пласман на Светското првенство во Русија, на „Максимир“ во Загреб, фудбалерите на Хрватска славеа висока победа над Грција со 4-1 (3-1), по која се доближија на чекор од пласманот на Мундијалот.

Хрватска од самиот старт имаше иницијатива на теренот, а голот за водство од 1-0 беше постигнат во 11. минута. Гостинскиот голман неспретно реагираше на една вратена топка, која ја украде Калиниќ, по што изнуди пенал, кој сигурно го реализираше Модриќ.

„Коцкестите“ продолжија со нападите, а тоа резултираше со одличниот погодок на Калиниќ со пета во 20. минута (2-0). И кога сите очекуваа нов гол во мрежата на Грција, погоди нашиот јужен сосед, Сократис го искористи прекрасниот центаршут од корнер и со глава го матира Субашиќ за 2-1. Но, овој гол не ги поремети Хрватите, па четири минути подоцна, Перишиќ ја искористи прекрасната асистенција од Врсаљко и зголеми на 3-1, резултат со кој се замина на полувремето.

На стартот на вториот дел, Хрватска преку Крамариќ поведе со убедливи 4-1, а и по овој гол се редеа шансите пред гостинскиот голман. Во 65. минута Перишиќ прекрасно биеше од косо, но неговиот удар заврши покрај стативата. Како одминуваше натпреварот, Хрватите рутински ја чуваа предноста и лесно дојдоа до убедлива и заслужена победа.

Реванш натпреварот во Атина, по кој и официјално ќе биде познат патникот на Мундијалот во Русија, се игра на 12 ноември.