ВИДЕО: Хрватска со ХЕРОЈСКИ триумф над Англија се избори за историско финале на СП!

Фудбалот ќе почека уште најмалку две години за да се врати дома. Фудбалската селекција на Хрватска е вториот финалист на Светското првенство во Русија, откако во полуфиналето на „Лужњики“ во Москва со 2-1 (1-1 во регуларниот дел) по дополнителните 30 минути славеше над репрезентацијата на Англија. За „коцкестите“ ова е прво финале во историјата, а досега најголем успех им беше полуфиналето на СП 1998 година, кога беа елиминирани од домаќинот, а подоцна шампионот Франција (2-1).

Англискиот селектор Герет Саутгејт за овој меч се одлучи на терен да истрча со проверен состав, односно со истите 11-мина со кои го започна Мундијалот и играше четвртфинале против Шведска. Хрватска направи една измена во однос на мечот со Русија и од првата минута шанса доби Брозовиќ на местото на Крамариќ. 

Мечот започна како што посакуваа сите англиски фанови, со ран гол на островската селекција. Модриќ со прекршок го сопре налетот на Деле Али и овозможи шанса за англиско водство, која ја искористи десниот бек Трипие. Членот на Тотенхем со велемајсторски слободен удар го надмудри Субашиќ и донесе огромно англиско славје на московскиот стадион. Трипие, по Кејн, Мегваер, Деле Али, Лингард и Стоунс стана шестиот англиски репрезентативец кој досега се запишал во листата на стрелците на овој Мундијал. 

И покрај водството Англија продолжи со високиот пресинг, кој им создаде многу проблеми на избраниците на Далиќ. Мегваер со глава имаше шанса за 2-0, додека Хрватска својот прв удар кон голот на Пикфорд го имаше во 19. минута кога Перишиќ биеше покрај десната статива. 

До крајот на на првиот дел имаше по едно возбудување пред двата гола. Најпрво Хари Кејн промаши зицер за 2-0, додека неколку минути подоцна Ребиќ од далечина биеше во добро поставениот млад англиски голман. 

Вториот дел започна со офанзивна игра на двете селекции. Хрватска видно го подигна нивото на игра, вршеше притисок, имаше неколку шанси, но Англија повторно се закануваше преку контра нападите. 

Сепак, добрата игра на „коцкестите“ резултираше со гол во мрежата на Пикфорд, откако Перишиќ на асистенција на Врсаљко му избега на Вокер и донесе израмнување за својата селекција (1-1). Токму фудбалерот на Интер по само пет минути имаше огромна шанса за комплетен пресврт, но стативата беше сојузник на младиот англиски голман. 

По лошите 15 англиски минути, Саутгејт се определи да ја направи првата измена и на местото на Стерлинг шанса за докажување доби младиот Маркус Рашфорд, кој веднаш влезе во шанса и на еден начин ги размрда „заспаните“ соиграчи. Во продолжението двете селекции не сакаа да преземат поголем ризик, повеќе мислеа на сопствениот, отколку да го нападнат противничкиот, па дуелот во Москва отиде во дополнителни 30 минути. 

Во првите 15 минути и двете репрезентации имаа по една голема шанса. Најпрво Стоунс одлично биеше, а Шиме Врсаљко исфрли со глава од самата гол-линија, за на спротиввната страна да се закани Манџукиќ, но Пикфорд одлично одбрани. Стартот на второто продолжение беше совршен за „коцкестите“, Марио Манџукиќ го матира Пикфорд и донесе предност од 2-1. До крајот Англичаните не успеаја да се вратат, па Хрватска го слави своето прво финале.

Во големото финале, кое исто така ќе се игра на „Лужњики“ в недела со почеток од 17.00 часот Хрватска за противник ќе ја има Франција. Еден ден претходно Белгија и Англија во Санкт Петербург ќе водат битка за третото место.