• Мартин Танасковски
Фудбалската репрезентација на Хрватска обезбеди учество на уште едно големо натпреварување, продолжувајќи ја импресивната серија започната под водство на селекторот Златко Далиќ. Со победата против Фарските Острови во Ријека, „коцкастите“ го потврдија првото место во групата Л, и тоа коло пред крајот, со шест бодови предност во однос на Чешка.
Учинокот на хрватската селекција во седумте одиграни натпревари е доминантен: шест победи, едно реми и вкупна гол-разлика од 23-2, што ја става репрезентацијата меѓу најконстантните европски учесници во последната деценија. Далиќ повторно им ја „затвори устата“ на сите критичари, кои сакаа да го избркаат од националниот тим во изминатата година.
Откако Далиќ ја презеде селекцијата во 2017 година, Хрватска се појави на сите пет големи турнири – три Светски првенства и две Европски првенства. Меѓу нив се и двете најголеми успеси во историјата на хрватскиот фудбал, сребрениот медал од Русија 2018 и бронзата од Катар 2022. На европските првенства, екипата под Далиќ најпрво настапи до осминафиналето, додека на следниот турнир елиминацијата дојде уште во групната фаза.
Од стекнувањето независност, Хрватска пропушти само едно Светско првенство, она во Јужна Африка во 2010 година. Истовремено, на Мундијалите во Франција 1998 и Катар 2022, хрватските репрезентативци го освоија третото место, а во Русија 2018 беа финалисти и ја освоија втората позиција на планетата. На спротивната страна, Хрватска запиша послаби изданија во 2002, 2006 и 2014 година, кога не успеа да ја мине групната фаза.
Кога станува збор за европските првенства, Хрватска од 1996 година до денес настапи на седум од осум турнири. Единствената пауза беше Европското првенство во Холандија и Белгија во 2000 година, кога тогашната селекција на СР Југославија ја елиминираше Хрватска по драматичните квалификации и легендарен дуел во Загреб.
ФОТО: Hrvatski nogometni savez / Facebook


