• Саше Љолес
Во Загреб официјално беше претставено идејното решение за новиот стадион „Максимир“ и спортско-рекреативниот комплекс „Светице“, а победата на меѓународниот конкурс му припадна на архитектонско студио од Милано.
Италијанските архитекти Томазо Фантини и Алберто Роси го освоија првото место во конкуренција од 88 проекти пристигнати од повеќе од 20 земји. За победничкото решение следува награда од 390.400 евра.
Според проектот, новиот „Максимир“ ќе располага со 35.000 седишта и ќе ги исполнува условите за највисоката, четврта категорија на УЕФА. Во комплексот се предвидени и три помошни фудбалски терени, од кои еден со трибина за 1.500 гледачи, како и подземна гаража со околу 800 паркинг-места.
Самата изградба на стадионот се проценува на 175 милиони евра без ДДВ, додека целокупниот проект, заедно со околината, терените и гаражата, би чинел повеќе од 200 милиони евра. Финансирањето ќе биде обезбедено од државниот и градскиот буџет.
Проектот не се однесува само на фудбалскиот стадион. Во рамките на комплексот се планирани и нов атлетски стадион со околу 2.000 места, ракометна арена со 5.000 седишта, повеќенаменска сала за кошарка и футсал со околу 3.000 места, како и голем јавен простор за рекреација.
Уривањето на актуелниот „Максимир“ се очекува да започне кон крајот на 2027 година, додека почетокот на изградбата на новиот стадион е планиран за 2029 година.
Во меѓувреме, Динамо Загреб ќе биде домаќин на своите натпревари на реновираниот стадион „Крањчевиќева“, каде работите треба да завршат следната година.



