Хрватите сакаа да „заштедат“, па новиот стадион од 80 милиони евра почна да се распаѓа

Хрватскиот фудбалски сојуз во соработка со локалната власт во Осијек пред почетокот на сезоната гордо го најави отворањето на новата „Опус Арена“ во овој град со капацитет од 13.000 гледачи. Новиот дом на тамошниот прволигаш чинеше околу 80 милиони евра, меѓутоа неполна година по завршувањето на изградбата се најде во проблеми. 

Имено, за време на дерби натпреварот против Динамо Загреб, долниот дел од источната трибина почна да се рони. Делови од бетонската подлога паднаа во поттрибинскиот простор, а тоа ги запали алармите во Хрватска. Осијек за оваа ситуација го обвини изведувачот на првата фаза на стадионот, фирма под името „Еурокамен“. 

„Веднаш по сознанието за споменатата случка, извршен е преглед на источнат атрибина и утврдено е дека дојде до одвојување на заштитниот слој на бетонот. Тие работи се завршени во првата фаза на изградбата на „Опус Арена“ во текот на 2020, а ги работеше фирмата „Еурокамен“. Воочени се оштетувања на неконструктивниот добетониран дел, односно нема видливи оштетувања на самата конструкција на трибината“, соопштија од Осијек.

Сепак, компанијата испрати јавен одговор, нагласи дека си ја завршила работата како што треба. Покрај тоа, од фирмата посочија дека Осијек ги игнорирал нивните повици на грижа за одредени сегменти во изградбата на стадионот. 

Во моментов „Опус Арената“ е под детална инспекција од надлежните органи, па останува да се види дали Осијек набргу ќе може да игра натпревари во новиот дом.