• Иван Димовски
Хрватскиот фудбалски сојуз (ХНС) објави дека склучил рекорден договор за продажба на ТВ права и маркетинг, вреден вкупно 59,2 милиони евра.
Според новиот договор, „Хрватски Телеком“ ќе плати 49,2 милиони евра за телевизиските права во наредните пет сезони, до 2030/31, додека компанијата „SuperSport“ ќе издвојува 10 милиони евра за маркетинг, права на обложување и податоци, со договор на четири години, и можност за продолжување на уште две.
„Ова е највредниот договор во историјата на хрватскиот фудбал“, изјави претседателот на ХНС, Маријан Куштиќ, потенцирајќи дека хрватскиот фудбал ги зголемува приходите во време кога во други лиги тие стагнираат или опаѓаат.
Во ХНС велат дека зголемениот интерес за ХНЛ доаѓа како резултат на највозбудливата сезона досега, со рекордна гледаност на трибините и пред екраните.
Претходниот договор, потпишан во 2022 година, изнесуваше 44 милиони евра за четири сезони.



