• Иван Димовски
Фудбалската репрезентација на Англија отвори со победа на Светското првенство, откако славеше во дербито на групата Л против репрезентацијата на Хрватска со 4-2 (2-2). Натпреварот на „АТ&Т стадион“ во Далас беше израмнета во првиот дел, ама Англичаните сосема заслужено стигнаа до победата во продолжението, а разликата можеше да биде и поубедлива.
- Извештај од натпреварот:
„Гордиот Албион“ стекна предност во 12. минута од средбата преку Хари Кејн. Лука Модриќ направи глупост, го удри Нони Мадуеке беспотребно и судијата Клемен Турпан покажа на единаесет метри. Иако во прв момент Кејн не беше успешен и Доминик Ливаковиќ му го одбрани ударот, во повторениот пенал реализира за 1-0. По еден мирен период на средбата следуваше убав погодок на Мартин Батурина. Играчот на Комо во 36. минута стрела за 1-1 од десната страна со десна нога, матирајќи го голманот Џордан Пикфорд.
Радоста на Хрватите траеше кратко, бидејќи во 42. минута Хари Кејн стрела за ново водство по асистенција од Деклан Рајс. Ниту тоа не беше крај на возбудувањата во првиот дел, бидејќи во петтата дополнителна минута Иван Перишиќ го проигра Петар Муса кој погоди за 2-2.
Вториот дел во целост ѝ припадна на Англија која беше далеку подобар противник во Тексас. Веќе во 47. минута предноста ја врати Џуд Белингем со убав соло гол и удар откосо за 3-2. Следуваше серија шанси пред голот на Ливаковиќ, се закануваа Белингем, Рајс, Орајли и Кејн, ама голманот на Хрватите правеше чуда меѓу стативите. По серијата промени пред крајот на средбата конечниот резултат го постави Маркус Рашфорд кој во добра транзиција по асистенција од Букајо Сака стрела за 4-2.
Во оваа група се натпреваруваат уште Гана и Панама. Во второто коло Англичаните ќе играат со селекцијата од Африка, додека Хрватите ќе се судрат со Панама.




