Христов: Не сум задоволен од Работнички, мора да сме многу подобри

Работнички го загуби минимално (1-0) натпреварот против Струга Трим Лум во 14. коло од Првата фудбалска лига. Тоа беше дебитантски меч за Борче Христов на клупата и со оглед на поразот, не е задоволен од играта на тимот.

Предводникот на „романтичарите“ смета дека Работнички може, и во продолжение од првенството ќе мора многу подобро.

„Не сум задоволен од изданието на Работнички. Ќе мора да работиме напорно затоа што во моите замисли Работнички треба да биде сосема поинаков тим. Фудбалерите кои ќе истрчаат на теренот ќе мора да ја бараат победата, во првенствените битки бодовите се најважни. Не велам дека немаше залагање, но ефектот на теренот од сите фудбалери, а посебно од тимот во целина, едноставно мора да биде многу поголем“, изјави Христов.

По четиринаесет одиграни кола, Работнички се наоѓа на осмата позиција на табелата со 18 освоени бода, а во следното коло му гостува на Тиквеш во Кавадарци.