ВИДЕО: Храбриот Тиквеш немаше среќа на Исланд, прими гол во финишот за елиминација во КЛ!

И вториот македонски претставник во квалификациите за Конференциската лига, Тиквеш, ги заврши настапите уште во првото коло. По Шкендија елиминација забележа и освојувачот на Купот на Македонија, откако на гости кај Брeјдаблик забележа пораз од 3-1. На првиот натпревар кавадарчани извојуваа победа од 3-2.

Фудбалерите на Тиквеш брилијантно го отворија дуелот со исландскиот претставник, затоа што домашната мрежа ја стресоа уште по само девет минути игра. Тренерот Мојсов на прес-конференција по крајот на првиот натпревар најави дека Тиквеш и во Исланд ќе атакува на победа, а дека тие зборови не беа само празни флоскула докажаа неговите избраници кои во вистински момент се изборија за водство.

Летното засилување Витао испрати асистенција со „очи“ од десна страна, а на топката налета Спахиу и со сигурна реализација погоди за радост на кавадарчани (0-1). 

Во продолжение Брeјдаблик имаше иницијатива и создаде неколку полушанси, а првата вистинска ја реализира во гол. Се играше 44. минута кога Штајндорсон успеа да го пронајде патот до мрежата на Тиквеш и на полувреме се замина со егал резултат (1-1).

Само што започна вториот дел следуваше нов шок за македонскиот тим. Капитенот Гунлаугсон испрати „проектил“ од далечина кој беше неодбранлив за Тасев, па домаќинот за првпат поведе на натпреварот (2-1).

Мојсов веднаш реагираше, направи две офанзивни замени и Тиквеш тргна по израмнување. Но, високиот пресинг на фудбалерите на Брeјдаблик им направи големи проблеми на кавадарчани во изнесувањето на топката и домаќинот ја задржа иницијативата и во неколку наврати беше многу блиску до трет гол. Во 77. минута, конечно, пристигна и првото вистинско возбудување пред голот на Еинарсон, откако нововлезениот Гуера биеше силно откосо, но за малку непрецизно и топката профучи покрај левата статива. 

И во периодот кога се очекуваше натпреварот да влезе во продолженија, фудбалерите на исландскиот тим изработија одлична тимска акција која што заврши со погодок за 3-1.

Стрелец на голот вреден второ коло го постигна Кристинсон во 85. минута.

Во првото европско искуство Тиквеш собра многу симпатии, постигна четири гола, но испадна од екипа која не е поквалитетна од македонскиот претставник.