• Саше Љолес
Репрезентацијата на Словачка приреди големо изненадување и ја совлада Белгија со минимални 0-1 (0-1) во вториот натпревар од групата Е на Европското првенство.
- Извештај од натпреварот:
Белгија многу подобро го започна мечот и во два наврата преку брза транзиција сериозно се закани по словачкиот гол, но Лукаку не успеа да реализира, а потоа и голманот Дубравка одбрани уште еден удар на Тросард. Се чинеше дека „ѓаволите“ се многу поблизу до водство, но тогаш следуваше една грешка на белгиската одбрана, по која најдобро се снајде напаѓачот Иван Шранц, кој донесе водство за својот тим во седмата минута.
Продолжи Белгија со силните налети и се обиде бргу да стигне до израмнување, повторно имаа прилика преку Доку и Лукаку, но Словаците делуваа прилично компактно на средината и успеаја да ја сочуваат предноста до паузата (0-1).
Вторите 45 минути донесоа слична слика на теренот. Белгија беше решена да постигне гол и успеа да ја затресе мрежата преку Лукаку во 56. минута, но ВАР-собата сугерираше дека имало офсајд ситуација.
Во овие моменти играта се разгоре, Словачка се обидуваше да го одржи водството, додека фаворитот продолжи со нападите и не се обесхрабри после поништениот погодок. Лукаку имаше уште две солидни прилики, а одлична можност пропушти и Бакајоко во 63. минута. Навивачите на Белгија беа во шок и не можеа да поверуваат што сѐ промашија нивните миленици, додека словачките фанови се молеа резултатот да не се промени.
Селекторите ги освежија тимовите со по неколку замени во периодот околу 75. минута, Тедеско веројатно требаше да му даде шанса и на Лоис Опенда, но на теренот втрча Тилеманс. Следуваше период на неколку грешки на обете страни, а Белгија потоа со сите сили се префрли на противничката половина.
Завршните минути донесоа силен притисок по голот на Словаците, Де Брујне се обидуваше на сите можни начини да подели квалитетни топки во шеснаесетникот, но Белгија навистина делуваше безидејно во завршницата од акциите. Лукаку постигна уште еден гол кој исто така беше поништен од ВАР-собата поради играње со рака на нововлезениот Опенда, по што стана јасно дека Словачка ќе го издржи и последниот налет.
На крајот, голема победа за словачката репрезентација, која славеше со конечни 0-1 и ја заокружи првата победа во историјата против треторангирана селекција на ФИФА ранкингот. Помалку изненадувачки, Словачка и Романија имаат по три бода после првото коло во оваа група, додека Белгија ќе мора да прикаже многу подобри изданија во следните два меча.