Холандскиот гигант поради Стерлинг „се пресели“ во – Белгија!

Ангажманот на Рахим Стерлинг во Феенорд уште на самиот старт создаде компликации за холандскиот гигант Феенорд, па клубот мора да бара алтернативни решенија за новото засилување што побрзо да се вклопи во екипата.

Тренерот Робин ван Перси откри дека тимот привремено ќе се пресели во Белгија, каде што крилниот напаѓач ќе може да ги одработи првите тренинзи со соиграчите. Причината е тоа што поранешниот англиски репрезентативец во моментов нема работна дозвола за престој и тренинг во Холандија.

„Во странство тоа е дозволено. Го правиме ова поради него, но истовремено сакам да работиме и на напредокот на целиот тим“, изјави Холанѓанецот.

Планот е Стерлинг да почне со работа од вторник, но јасно е дека нема веднаш да биде во натпреварувачки ритам. Офанзивецот подолг период е без официјален меч, а последен пат на теренот беше во мај 2025 кога како позајмен играч го носеше дресот на Арсенал.