• Иван Димовски
Фудбалерите на Холандија на рутина го решија натпреварот против Исланд и со победа од 4-0 (1-0) ќе патуваат на претстојното Европско првенство. Пресметката пред полните трибини на „Де Кајп“ во Ротердам во целост мина во знакот на „лалињата“ кои не дозволија изненадување од Исланѓаните како во случајот на Англија.
Добрата игра уште од стартот Холандија ја круниса со водечки гол во 23. минута. Стрелец беше младата ѕвезда Чави Симонс кој доби проигрување од Дамфрис и стрела за 1-0. До полувремето уште во неколку наврати „лалињата“ можеа до гол, се закануваа Гакпо и Депај, меѓутоа резултатски промени немаше.
На стартот на продолжението по еден корнер предноста ја удвои Вирџил Ван Дајк. Течеше 49. минута кога по нафрлување со глава одигра Аке и префрли до својот партнер од дефанзивата, а стоперот на Ливерпул погоди за 2-0. Следеше период во кој темпото на игра опадна поради измените, тогаш Исланѓаните имаа по некоја безуспешна закана. Продлабочување на предноста донесе Дониел Мален со гол по асистенција од Депај за 3-0 во 79. минута. Уште двапати се тресеше мрежата на Исланѓаните. Првиот пат преку Депај, голот беше поништен поради игра со рака, а во судиското надополнување конечниот резултат го постави Вут Вегхорст. Овој триумф е голем мотив за Холанѓаните кои и во првиот тест славеа со 4-0, тогаш над Канада.
Во овој термин победа запиша и Полска над Турција (2-1). Резултатот го отвори Свидерси во 12. минута, а беше активен до пред крајот. Тогаш гостинот во Варшава дојде до израмнување преку Јилмаз, но победата на Полјаците ја обезбеди Залевски.