• Мартин Танасковски
Натпреварот меѓу Холандија и Јапонија на Светското првенство донесе еден интересен историски податок за „лалињата“. За првпат откако настапуваат на мундијалите, Холанѓаните започнаа натпревар без ниту еден фудбалер од домашната Ередивизија во почетниот состав.
Овој податок најдобро ја отсликува трансформацијата на холандската репрезентација во последните години. Денес најголемите ѕвезди на „портокаловите“ настапуваат во најсилните европски лиги и клубови, па селекторот се потпре исклучиво на интернационалци.
Дури осуммина од стартерите против Јапонија доаѓаа од англиската Премиер лига, додека останатите тројца настапуваат за европски гиганти како Барселона, Интер и Рома. Уште поинтересно е што Јапонија, од другата страна, во стартниот состав имаше двајца фудбалери кои настапуваат токму во холандското првенство.
Станува збор за напаѓачот Ајасе Уеда и дефанзивецот Цујоши Ватанабе, двајцата членови на Феенорд и добро познати лица за холандската фудбалска јавност.
Историскиот податок уште еднаш покажува колку се променил холандскиот фудбал. Ередивизија и понатаму останува една од најдобрите лиги за развој на таленти, но најдобрите холандски фудбалери сè почесто заминуваат во странство уште во рана фаза од кариерата.





