Холандија брка прво финале по 1988 година, Англија посакува второ во низа

На Европското првенство во Германија остануваат да се одиграат само уште два натпревари. Првиот финалист е веќе познат, па во натпреварот за титулата Шпанија го чека подобриот од вечерашното полуфинале, кое ќе го играат Холандија и Англија.

По нешто послабите изданија во групната фаза, Холандија без поголеми проблеми ја надмина пречката во осминафиналето (Романија). Од друга страна, мораше да се мачи во четвртфиналето и по пресврт да слави против Турција. Ова воедно ќе биде прво полуфинале за „лалињата“ по Европското првенство во 2004 година.

Англија, пак, имаше лоша серија во групната фаза, но успеа да се пласира на првото место. Веќе во осминафиналето Англичаните можеа да се спакуваат, но за среќа Џуд Белингем со феноменален гол во судиското надополнување го спаси „Гордиот Албион“ од пораз од Словачка. Избраниците на Герет Саутгејт се намачија и против Швајцарија, каде исто така губеа, а во полуфиналето се пласираа дури по изведувањето на пеналите.

Оваа фаза од натпреварувањето им е многу попозната на Англичаните, бидејќи ова е нивно трето полуфинале на последните четири големи натпреварувања. Кога се во прашање дуелите на двете репрезентации, Англија и Холандија последен пат играа во 2019 година во полуфиналето на Лигата на нации. „Лалињата“ како домаќини славеа со 3-1 по продолженијата.

Интересно е што двете репрезентации не се среќаваат често во 21 век. Споменатиот дуел во Лигата на нации е единствениот натпреварувачки натпревар во овој век. Пред тоа играа на Европското првенство во 1996 година, кога Англија победи со 4-1, а ако се вратиме уште подалеку, ќе забележиме уште еден натпревар на Европските првенства. Во прашање е натпреварот од групната фаза на турнирот од 1988 година кога и Холандија стана европски првак. Од таа титула „лалињата“ одигра дури три полуфиналиња на Европските првенства и ги загубија сите три.