ВИДЕО: Хитот Вердер го сопре Баерн – петти пат одигра 1-1 во низа!

Баерн Минхен важеше за огромен фаворит на хартија на домашен терен против Вердер Бремен, но мајсторите за реми во Бундес му „откинаа“ бодови и на актуелниот шампион (1-1).

  • Баерн Минхен - Вердер Бремен 1-1:

Тимот од Бремен се претплати на нерешени оваа сезона, а интересно, петти натпревар по ред одигра 1-1. Во претходните кола со идентичен резултат завршија средбите со Келн, Ајнтрахт Франкфурт, Хофенхајм и Фрајбург. Проблем за Ханси Флик на овој меч беше повредата на Лукас Хернандез на самиот старт на мечот.

„Баварците“ беа во најсилен состав, ама потфрлија. Пред крајот на првото полувреме во мрежата на Мануел Нојер погоди Егештајн и донесе предност за гостинот (0-1), а автор на бодот за домаќините беше Кингсли Коман во 62. минута.

Борусија Менхенгладбах разочара и на домашен терен одигра реми (1-1) со Аугсбург. Мечот го отворија домаќините преку Нојхаус уште во 5. минута, а гостинот извлече голем бод во 88. минута преку Калигури.

Баер Леверкузен успеа да победи кај Арминија Билефилд (1-2), Шалке 04 ја продолжи мизеријата и дома загуби од Волфсбург (0-2), додека Штутгарт, кој го остави Дарко Чурлинов на клупата, во последните минути дојде до нерешено кај Хофенхајм (3-3).