• Иван Димовски
Џирона е најголемиот хит во фудбалска Европа, барем во овој дел од сезоната. Оваа екипа е на делба на првото место во шпанската Примера со по 38 бода, а е второпласирана поради поразот во меѓусебниот дуел. Сите сметаа дека Џирона бргу ќе падне, ама по 15 кола се држи и е во одлична позиција.
Иако е рано да се зборува за крајот на сезоната, Џирона може сензационално да избори пласман во Лигата на шампионите. Во моментов од четвртото место ги делат десет бода, што е солидна предност. Сепак, оваа екипа може да се најде во проблеми, дури и ако стане шампион на Шпанија може да извиси за место во елитното натпреварување.
Според прописите на УЕФА, два клуба кои имаат исти сопственици не смеат да играат во исто европско натпреварување поради задржување на веродостојноста на истото. Таков е случајот токму со Џирона, која е дел од групацијата „Сити Фудбал Груп“ под чие сопствеништво е и европскиот првак Манчестер Сити.
Токму поради тоа, дури и ако го кренат трофејот во Шпанија, играчите на Џирона може да останат без место во Лигата на шампионите. Правилото вели дека подоброрангираниот тим од двете опфатени страни ќе добие место. Бидејќи Премиер лигата котира подобро, ако Сити и Џирона бидат шампиони, предност ќе имаат Англичаните.
Освен Манчестер Сити и Џирона, под „капата“ на групацијата се повеќе екипи и тоа: Њујорк Сити, Мелбурн Сити, Монтевидео Сити Торк, Јокохама, Сичуан, Мумбаи Сити, Ломел, Троа, Палермо, Боливар и Бахиа.