Химки го сопна Зенит на стартот на руската Премиер лига

Актуелниот руски првак Зенит од Санкт Петербург со неочекувано реми против Химки (1-1) ја отвори новата сезона во руската Премиер лига која стартува овој викенд.

Големиот фаворит на хартија не блескаше, евидентно беше дека нозете се тешки на почетокот, а иако имаше водство до самиот финиш, го прокоцка.

Зенит како гостин дојде до предност во 17. минута кога комбинираше бразилската врска Клаудињо и Вендел. Првиот го проигра вториот, а тој стана прв стрелец во сезоната во рускиот фудбал. Сепак, фаворитот без полн плен остана во 84. минута кога Мирзов погоди за 1-1.

Зенит во следната рунда ќе го има првиот домашен меч, кога на својот стадион ќе го пречека тимот на Крилја Советов. Химки, пак, ќе игра повторно дома, овој пат со Нижњи Новогород.