ВИДЕО: Хименез двоен стрелец, Милан до нова пресврт-победа во калчото!

Фудбалерите на Милан го направија тоа што најдобро им оди од рака оваа сезона, па со пресврт ја совладаа Болоња (3-1) во рамките на 36. коло на Серија А. Натпреварот на „Сан Сиро“ беше увертира за финалето во Копа Италија кое се игра в среда во Рим, а „росонерите“ со пресврт стигнаа до 22. бод сезонава откако губеле на еден натпревар.

  • Извештај од натпреварот:

Двајцата тренери калкулираа со тимовите, ама и со тактичките определби, па така стартот беше мирен. И Милан и Болоња како да размислуваа повеќе на финалето во Купот, а тоа се одрази на квалитетот на фудбалот во првите триесетина минути. Темпото се крена во завршницата на првиот дел, поблизу до гол беше Болоња преку шансите на Домингез и Орсолини, додека на спротивната страна за Милан ветувачка контра не искористи Пулишиќ и неговиот удар беше блокиран. 

На почетокот на првото полувреме Рикардо Орсолини го покажа својот квалитет, прими топка на десната страна од полето, повлече кон средината и со одлична дијагонала го матира Мењон за 0-1 во 49. минута. Како и многу пати сезонава „росонерите“ се будеа по примен гол, па тргнаа поофанзивно. Првата закана ја имаше Тео Хернандез кој го тестира Скорупски. 

Течеше 73. минута од натпреварот кога Милан стигна до израмнување. Во добра транзиција Чуквуезе одложи до Пулишиќ, а Американецот му креира гол на Сантијаго Хименез кој стрела за 1-1. Набргу Мексиканецот и вторпат стрела, меѓутоа голот не важеше поради недозволена позиција. Момците на Серџо Консеисао го комплетираа пресвртот во 79. минута со голот на Кристијан Пулишиќ. На истиот му претходеше уште една акција на левата страна преку Чуквуезе, потоа блокиран удар на Феликс и со мала доза на среќа американското крило ја смести во мрежата (2-1). Длабоко во судиското продолжение домашните стигнаа и до трет погодок, втор на Сантијаго Хименез на мечот за конечните 3-1. 

Милан забележа нови калчо бодови со кои дојде на „минус два“ зад Болоња на осмата позиција и одржа каква-таква надеж во борбата за Европа.