ВИДЕО: „Хеви-металот“ на Клоп го стресе Баерн и го елиминира од ЛШ!

Екипата на Ливерпул е патник во четвртфиналето на Лигата на шампионите, откако на „Алијанц Арената“ го порази Баерн Минхен (1-3), во еден натпревар во кој беше далеку подобар противник.

Баварската „машина“ беше комплетно непрепознатлива на овој натпревар, а во нападот доста се мачеше, затоа што повеќе од 80 минути имаше само еден шут во рамки на голот на голманот Алисон. На спротивната страна, Ливерпул беше тимот што притискаше и што креираше шанси, а доста добро се покажа и дефанзивата, која го сопре најдобриот фудбалер на тимот Роберт Левандовски.

Што се однесува до погодоците, на прв гол се чекаше 26 минути и тоа истиот пристигна по катастрофална реакција на голманот Мануел Ноер. Чуварот на мрежата на „баварците“ беше далеку од голот, по што Садио Мане си поигра со него и стрелаше во мрежата на Баерн. Инаку, Ноер бранеше по јубилеен 100. пат за Баерн Минхен во Лигата на шампионите.

Баерн Минхен успеа среќно да изеданчи во 39. минута, кога Матип по една нафрлена топка си постигна авто-гол. Тоа ја врати надежта кај навивачите на германскиот бундеслигаш, но во 69. минута Виргил ван Дајк полета по една нафрлена топка и со глава ја закова во мрежата на противникот. Точка на победата стави Садио Мане, со својот втор гол во 84. минута.

По елиминацијата на Баерн Минхен, Бундеслигата останува без претставник во фудбалската елита. Англија, пак, ќе има четири тима, а покрај Ливерпул меѓу најдобрите осум се уште Тотенхем, Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед.