• Мартин Танасковски
Барселона оствари убедлива победа над Севиља со 5-2 во натпревар од 28. коло на Ла Лига и дополнително ја зацврсти лидерската позиција на табелата во шпанското првенство. Тимот на Ханси Флик останува на плус четири бода во однос на најблискиот следбеник Реал Мадрид.
- Извештај од натпреварот:
Каталонскиот тим рано го наметна своето темпо и веќе во деветтата минута доби можност да поведе од белата точка. Пеналот беше досуден по прекршок на Џибрил Соу, а одговорноста ја презеде Рафиња. Бразилецот со сигурна и ефектна изведба, со популарната „паненка“, го совлада голманот Одисеас Влахидимос и донесе водство за домаќините. Само десетина минути подоцна Барселона повторно доби пенал, овој пат поради игра со рака во казнениот простор. Рафиња повторно беше прецизен и со вториот погодок на натпреварот ја зголеми предноста на својот тим.
Доминацијата на домаќините продолжи и во 38. минута, кога каталонскиот состав ја реализираше уште една одлична акција. Нападот започна со прецизно додавање од длабочина на Жерард Мартин, а во листата на стрелци се запиша Дани Олмо, кој погоди за убедливи 3-0. Севиља успеа да внесе мала неизвесност во финишот на првото полувреме. Во судиското продолжение гостите намалија на 3-1 преку Осo, што им даде надеж дека можат да се вратат во натпреварот.
Сепак, таа надеж кратко траеше. На почетокот на второто полувреме, поточно во 51. минута, Рафиња повторно се најде во центарот на вниманието. По асистенцијата на Фермин Лопез, кој влезе во игра на паузата, Бразилецот го постигна својот трет гол на натпреварот и комплетираше хет-трик. До крајот на средбата Барселона постигна уште еден погодок. Рафиња овојпат се најде во улога на асистент, а по одличен продор мрежата ја затресе Жоао Кансело, со што каталонскиот тим стигна до петтиот гол на натпреварот.
Гостите од Андалузија во самиот финиш успеаја само да го ублажат поразот. Во втората минута од судиското продолжение стрелец беше Соу, кој ги постави конечните 5-2 во корист на Барселона. Победата му овозможи на каталонскиот состав дополнително да ја зацврсти лидерската позиција во шампионатот и да направи важен чекор во борбата за титулата.










