ВИДЕО: Хетафе се бранеше со сите сили, Партизан за „влакно“ до продолженија

Екипата на Партизан оствари пирова победа над шпанскиот Хетафе (2-1) во реваншот од плеј-офот за учество во Конференциската лига, но тоа беше недоволно за надополнување на негативата од првата средба и пласман во групната фаза од ова натпреварување. 

  • Извештај од натпреварот:

Белградскиот тим започна храбро, делуваше одлично на теренот, а имаше и поништен гол во 27. минута. На паузата останаа почетните 0-0, но потоа домаќинот успеа да поведе со голот на Џеферсон Марино „Же“ во 53. минута, носејќи огромна радост на трибините. 

Хетафе бргу се созема и израмни преку Турчинот Енес Унал, кој биеше прецизно шеснаесет минути подоцна (1-1). Се чинеше дека Шпанците ја враќаат контролата на мечот, но Партизан не се предаде и повторно дојде во предност, а овој пат стрелец беше Ерик Којзек, за кого ова беше прв гол сезонава. 

Се кренаа повторно надежите на навивачите, тргна српскиот тим и по трет гол и продолженија, додека гостите комплетно „се фрлија“ на одбрана. Играше мудро Партизан, повторно имаше шанса Којзек, но биеше над пречката. Имаа „црно-белите“ до крајот уште 2-3 прилики и нафрлени топки, а Хетафе се бранеше дури во својот петерец. За среќа на шпанскиот тим, белграѓани не успеаја да постигнат уште еден гол и триумфираа со недоволни 2-1. 

Пласман во групната фаза обезбедија уште неколку екипи. Англискиот Брајтон немаше проблеми и со 4-0 го надигра тимот на Тромзо, Мидтјиланд беше поуспешен од Ријека во Хрватска со убедливи 1-4, а Борац од Бања Лука го елиминираше Викингур, славејќи со севкупни 6-2 во овој двомеч.

На овие екипи им се приклучија уште португалската Брага, италијанската Аталанта и данскиот Нордсјеланд.