• Иван Димовски
Реал Мадрид доживеа нов шамар на „Бернабеу“, откако Хетафе славеше со 0-1 и ја оствари првата победа на овој стадион по пауза од 18 години. Ова воедно е и прв тренерски триумф на Хосе Бордалас против „кралевите“.
Клучниот момент се случи во 39. минута кога по асистенција со глава од Арамбари, Мартин Сатриани испрати проектил од надвор од шеснаесетникот и со ефектен волеј ја смести топката во горниот агол за водство на гостите.
- Извештај од натпреварот:
Реал имаше иницијатива и неколку добри шанси преку Винисиус, Гулер и Родриго, но голманот Сориа беше несовладлив. Најблиску до израмнување домаќините беа во 79. минута кога голманот маестрално интервенираше по ударот на Родриго.
Претходно, Антонио Ридигер мина без санкција по груб старт врз Диего Рико, одлука што предизвика бурни реакции, а во финишот Франко Мастантуоно заработи директен црвен картон по приговор кон судијата. Во судиското продолжение и Лисо беше исклучен по втор жолт картон.
По овој пораз, Реал има четири бода помалку од Барселона и во следното коло ќе гостува кај Селта.





