• Горан Упале

Екипата на Тиквеш ја запиша тратата победа во низа во домашниот шампионат и пред својата публика со убедливи 6-0 го совлада тимот на Шкупи. Кавадарчани сè завршија уште во првото полувреме, а отворено беше прашањето само со какво резултат ќе го поразат некогашниот шампион, кој ја игра најлошата сезона во историјата. На крај мрежата на чаирчани беше затресена шест пати, а свој блесок на теренот имаше бразилскиот офанзивец Лусианињо кој го запиша првиот хет-трик во новата средина.
Натпреварот во Кавадарци започна според очекувањата – со брз гол на домашниот тим. Одбраната на Шкупи беше скршена по само пет минути игра, кога на асистенција на Тодоров својот прв гол во дресот на Тиквеш го постигна зимското засилување Лавал. Нигерискиот напаѓач се најде на вистинско место по центаршутот од десната страна и со глава ја смести топката во гостинската мрежа.
Само неколку минути подоцна, малку фалеше резултатот да биде 2-0. Тоа не се случи благодарение на младиот голман на Шкупи, кој прво му одбрани зицер на Лусианињо, а потоа и на Лавал. Сепак, бразилскиот ас не погреши по вторпат. Во 24. минута токму на додавање на Лавал од непосредна близина ја смести топката во празната гостинска мрежа и Тиквеш поведе со 2-0. Кавадарчани доминацијата во прво полувреме ја крунисаа со уште еден погодок, откако Лусианињо со атрактивен лоб го совлада Муслиу за комотни 3-0 на пауза за домашниот тим.
21-годишниот Бразилец својата најдобра партија откако пристигна во Тиквеш ја потврди со уште еден погодок и повторно атрактивен. На стартот од вториот дел Лусианињо прво му побегна на директниот чувар, а потоа со прецизен удар по земја стрелаше за 4-0. На 5-0 зголеми резервистот Ѓорѓиевски од својата прва шанса по влегувањето во игра, додека конечните 6-0 ги постави Стојанов во 82. минута.
Во следното коло Тиквеш одново игра на свој терен, овој пат со Брера, додека Шкупи ќе се судри со Башкими.







