• Мартин Танасковски
Фудбалерите на Барселона остварија значајна победа во Виго, совладувајќи ја Селта со 4-2 во натпревар кој понуди многу возбудувања. Оваа победа беше од особена важност за каталонскиот клуб, кој ја искористи шансата да го намали заостанувањето зад водечкиот Реал Мадрид, откако „кралевите“ претходно ремизираа со Рајо Ваљекано.
- Селта Виго - Барселона 2-4:
Иако Селта важи за тежок противник на свој терен и пред овој натпревар беше во импресивна форма – со пет последователни победи и серија од осум мечеви без пораз – налета на расположен тим на Барселона, предводен од блескавиот Роберт Левандовски. Кога полскиот напаѓач има свое вечер, ретко кој може да го запре. Барселона ја наметна својата игра од самиот почеток и веќе во 10. минута стигна до водство преку Левандовски, кој беше прецизен од белата точка. Но, радоста на гостите траеше само еден миг, Селта експресно израмни во следниот напад, кога по додавање на Иглесијас, Кареира го совлада Шчешни.
Средината на првото полувреме донесе вистинска фудбалска драма. Во 37. минута Маркус Рашфорд, кој игра во одлична форма, одлично му асистира на Левандовски за неговиот втор погодок и ново водство на Барселона, но, во 43. минута Селта повторно најде начин да се врати во натпреварот, овојпат стрелец беше Иглесијас, кој искористи пропуст во одбраната на Каталонците.
Кога се чинеше дека двете екипи ќе заминат на одмор со нерешен резултат, младата сензација Ламин Јамал уште еднаш докажа зошто се смета за најталентираниот фудбалер на својата генерација. Во четвртата минута од судиското продолжение на првото полувреме, тој со прецизен удар го совлада Радуа и ја врати предноста на Барселона (2-3). Во вториот дел, Барселона играше посигурно и контролираше го темпото, додека Селта се обидуваше да се врати преку брзи контранапади. Но, сите надежи на домашниот тим беа уништени во 74. минута, кога Рашфорд уште еднаш го пронајде Левандовски, кој со смирен удар го постигна својот трет гол на натпреварот и го потврди триумфот на гостите.
Со оваа победа, Барселона се доближи на само три бода зад Реал Мадрид и останува во трката за титулата во Примера.
Валенсија и Бетис одиграа 1-1, а „лилјаците“ спасуваа бод на крајот од мечот. Хуан Камиљо Хернандез донесе предност за тимот од Севиља, Луис Риоха израмни во финишот.







