ВИДЕО: Хет-трик на Хегерберг, Лион ги „потопи“ Андонова и Барса во финалето на ЛШ

Шпанска Барселона во чии редови настапува најдобрата македонска фудбалерка Наташа Андонова не успеа да дојде до трофеј во Лигата на шампионите, затоа што дебитантот во финалето беше надигран од француски Лион (1-4).

  • Извештај од натпреварот:

Францускиот тим кој има долго искуство во елитата беше немилосрден и работата ја заврши за само триесет минути. Андонова го почна мечот на клупата и таму остана до самиот финиш. Хероина на овој натпревар е Ада Хегерберг, која за 15 минути успеа да постигне хет-трик.

Норвешката фудбалерка имаше симултанка од 14. до 30. минута, кога трипати стрелаше во мрежата на Панос. Првиот гол на мечот падна во 5. минута, а беше дело на Џенифер Марозан. Барселона цел натпревар беше во подредена позиција, а во дури 70 минути, само еднаш шутна во рамки на голот на Лион. Почесниот погодок Барселона го постигна во 89. минута, преку Ошоала, по асистенција на Мартенс.

За Лион ова беше шеста титула во Лигата на шампионите, што е рекорд во ова натпреварување. Францускиот гигант четврта година по ред му се радува на овој пехар.