„Покер“ на Хава Мустафа, ЖФК Љуботен оствари историски успех во ЛШ!

Македонскиот фудбалски шампион во женска конкуренција, ЖФК Љуботен, испиша историски успех и го совлада ерменскиот Пјуник (4-0) во финалето од првата квалификациска фаза за Лигата на шампионите. 

Фудбалерките на Љуботен прикажаа уште една извонредна игра и заслужено славеа над ривалот, а човек на одлука беше Хава Мустафа, која беше автор на сите четири гола, еден во првото и уште три во второто полувреме. 

Оваа победа му носи на Љуботен пласман во втората квалификациска рунда, каде сигурно ќе добие потежок противник, но нашиот шампион ќе има нова шанса за уште поголем прогрес во елитното натпреварување на УЕФА. Последен пат македонска екипа играше во оваа фаза во сезоната 2011/12, кога нашата држава ја претставуваше екипата на Наше Такси. 

Љуботен се подготвува за следната фаза, каде во полуфиналниот дуел ќе се соочи со шведскиот Розенгард. Овој натпревар е закажан за 27 август.