• Иван Димовски
Фудбалерите на Рен славеа на домашниот натпревар во првата нокаут рунда од Лигата на Европа против италијански Милан со 3-2 (1-1), меѓутоа бадијала бидејќи во Милано загубија со 3-0. Средбата на „Роажон Парк“ се одигра во спектакуларна атмосфера, домашните навивачи беа дванаесетти играч на Рен, ама ниту тоа не беше од помош.
- Рен - Милан 3-2:
Натпреварот тргна со гол за рана предност на домашната екипа, а стрелец беше Бенжамин Бурижо и Рен поведе (1-0) во 11. минута. Не се чекаше многу за израмнувачки погодок, бидејќи по центаршут на Хернандез со глава стрела Лука Јовиќ (1-1). До полувремето Рен се обидуваше да се наметне, ама не успеваше да направи вистински шанси.
На стартот на продолжението домаќините добија пенал по грешката на Кјаер, па одново меѓу стрелците се запиша Бурижо, овојпат за 2-1 во 54. минута. Одново славјето не траеше долго, бидејќи Рафаел Леао претрча половина терен со топка и погоди за ново израмнување само четири минути подоцна. Следеше серија измени во таборот на „росонерите“, а потоа и нова сламка надеж за Рен. Јовиќ играше со рака, па својот хет-трик од вториот пенал го комплетира Бенжамин Бурижо за 3-2 во 68. минута.
Пласман меѓу шеснаесетте најдобри си обезбеди и Бенфика, откако ремизира без голови на гостувањето кај Тулуз (0-0), а во Португалија славеше со 1-2.