ВИДЕО: Хет-трик на Бен Једер, Барди и Леванте потопени од Севиља

Во првиот денешен натпревар од 5. коло на Примера, фудбалерите на Севиља на гостински терен славеа убедлива победа против Леванте со 2-6 (1-4) и се искачија во горниот дел од табелата.

Енис Барди повторно започна во стартниот тим, но и тој беше немоќен против расположените фудбалери од Андалузија, кои на одмор заминаа со предност од 1-4. Предводник на тимот на Севиља во првиот дел беше Висам Бен Једер, кој запиша хет-трик (11', 35' и 45'), а еднаш за гостите погоди и Даниел Карисо во 21. минута. Голот за Леванте го постигна Марти Салвадор во 21. минута за израмнување на 1-1, а во 26. минута тимот на Барди промаши и пенал, баш преку Моралес.

Вториот дел гостите го започнаа во ист стил, веќе во 49. минута погодок постигна Андре Силва за убедливи 1-5, а во 59. минута по голот на Пабло Сарабиа, Леванте губеше со катастрофални 1-6. Домаќините во продолжение  се обидуваа да го ублажат високиот пораз, Барди главно ги разигруваше своите соиграчи, а конечните 2-6 ги постигна играчот на Севиља Симон Кјер, кој  во 92. минута ја погоди сопствената мрежа.

Во наредното коло тимот на Севиља веќе в среда го пречекува тимот на Реал Мадрид, а Леванте и Барди можност за поправен испит ќе имаат на гостувањето кај Ваљадолид.