Хет-трик и „ножички“ на Гуири, голчиште на Гринвуд – Марсеј се искачи на второто место

Eкипата на Олимпик Марсеј успеа да се искачи на второто место на табелата во Лига 1, откако го победи Брест со убедливи 4-1. Ова беше втора последователна победа за тимот на Роберто де Зерби и одново до истата стигна на убедлив начин. 

Вечерва, спектакуларен настап имаше Гуири со три постигнати гола, од кои еден беше со спектакуларни „ножички“. Покрај одличниот перформанс на Алжирецот, за Олимпик Марсеј во листата на стрелците се запиша и Мејсон Гринвуд, кој од за него нетипична позиција испрати „бомба“ кон противничката мрежа и го постигна еден од најубавите голови во својата кариера. 

Со оваа победа Олимпик Марсеј го презеде второто место на табелата од Лил (58 бода), а со тоа и пол-позиција во трката за влез во Лигата на шампионите. Разликата помеѓу овие две екипи сега е два бода, а во битката за елитата учествуваат уште четири екипи, од кои Лион, Ница и Стразбур имаат четири бода помалку од Олимпик Марсеј. На четвртото место е Монако со 55 бода.