ВИДЕО: Херојски пресврт на Скопје, Димов во финишот ги сруши „пандевци“

Скопје запиша втора сезонска победа и со пресврт ја надигра Академија Пандев (2-1) во 16. коло од Првата македонска фудбалска лига. За фенерџијата ова е значаен триумф, кој стигна со погодок во завршницата од натпреварот.

Струмичани започнаа со иницијатива од самиот почеток. Почесто се играше на домашната половина, а првата закана по седумнаесет минути игра ја испрати Димитар Митровски. Гостинскиот фудбалер се обиде од далечина и за малку ја промаши рамката од голот. Домашните играчи чекаа шанса од брзи контра напади. Нивната игра не ветуваше многу и беше показател за формата која ја прикажуваат во тековната сезона. Академија Пандев немаше сериозни шанси во остатокот од првиот дел. Воглавно се играше на средината од теренот, каде беше најбезбедно за двата голмани. 

Првите неколку минути од второто полувреме донесоа идентична слика на теренот. Фудбалерите правеа премногу грешки и играа неповрзано, па изостанаа шансите за отворање на резултатот. По петнаесеттина минути струмичани беа во одлична позиција да поведат. Но, Горан Томовски биеше млако по средината од голот, во ситуација кога неговиот тим имаше „три на два“ во последните метри пред противничкиот гол. Неколку минути подоцна, Томовски, кој беше најопасниот фудбалер на Академија Пандев во првиот дел, погоди за водство. Гостинот стигна до заслужена предност, по една акција на левата страна, од каде 23-годишникот доби одлична топка, на која одговори со прецизен удар со левата нога.

Многу брзо изненадувачки Скопје се врати во игра. Настапот на домашните не ветуваше ваков расплет на настаните, но Бијар Хајдари реализира за 1-1. На погодокот му претходеше обид од далечина на Леонид Игњатов, кој беше спречен од страна на гостинскиот голман. Финишот донесе уште еден гол и тоа во гостинската мрежа. По еден слободен удар, топката стигна до Христијан Димов, кој од непосредна близина немаше проблеми да го заокружи пресвртот и втората сезонска победа на Скопје (2-1).

И покрај трите бода тимот од Автокоманда остана на дното со 9 бода, само три помалку од струмичани кои се на деветтото место.