• Саше Љолес
Херојот на шпанската репрезентација, Микел Ојарзабал, кој го постигна одлучувачкиот гол за победата против Англија, не е баш омилен во сите делови на државата, а во неговиот роден регион е омразен и означен како „предавник“.
Имено, Ојарзабал потекнува од провинцијата Баскија, која со децении сонува и се бори за независност од шпанската држава, а таму голем дел од луѓето не го ценат премногу фактот што Ојарзабал го донесе победносниот гол во финалето на Европското првенство.
Работата оди дотаму, што неговата мајка изјавила дека има проблеми кога излегува од дома и се чувствува несигурно поради постојаните закани и дофрлувања од луѓето. Ден после победата на „фуријата“, веднаш осамнале неколку графити на зградите во Сан Себастијан, на кои пишува „предавник“ и „твоето место не е во Баскија“, алудирајќи на фудбалерот на Реал Сосиедад, кој за овој клуб одигра 280 натпревари и постигна 76 гола.
Очигледно, Ојарзабал ќе има за што да се грижи во следниот период, а медиумите во Шпанија пишуваат дека тој ангажирал обезбедување за своето семејство и привремено го пренел на безбедна локација.