• Иван Димовски

Нешто што беше најавено пред неколку седмици е пред реализација. Станува збор за аквизицијата на нов тренер од страна на Милан, а името беше добро познато - Пауло Фонсека.
Португалскиот стручњак доби предност пред другите кандидати за клупата од страна на управата. На самиот Фонсека му се допаѓа проектот на „росонерите“ и неговата промоција се очекува навистина набргу. Угледниот трансфер гуру Фабрицио Романо пренесе дека се потпишани договорите и недостига само официјализација на трансферот.
Пауло Фонсека доби договор во важност од две години. Тој ќе има шанса да се докаже, а во договорот стои и опција за продолжување. Дел од навивачите се скептични за изборот на управата, особено бидејќи се споменуваа имиња како Антонио Конте и Роберто Де Зерби. Сепак, челниците го одбраа Фонсека како идеално решение за проектот на Милан.
51-годишниот Португалец има искуство во Серија А, бидејќи мина две сезони на клупата на Рома, а претходно работеше со огромен успех во Шахтјор.