Хендерсон: Пеп го доби тоа што го бараше, нема за што да се лути!

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, не го прими добро поразот на „Вембли“ и губењето на единствениот трофеј што му беше на дофат. Сити беше поразен во финалето на ФА Купот од Кристал Палас со 0-1 и со тоа без трофеј ја заврши најлошата сезона под водство на шпанскиот тренер.

Херој на победата на „орлите“ беше голманот Дин Хендерсон, кој, меѓу другото, му одбрани пенал на Мармуш и даде клучен придонес во историскиот, прв трофеј за лондонскиот клуб во 120-годишното постоење. Неговата бравурозна изведба очигледно предизвика најголема нервоза кај Гвардиола. Кога голманот на Палас ја подаде раката по натпреварот, Гвардиола одби да се ракува. 

Менаџерот на Сити го обвини Хендерсон дека постојано „крадел“ време, држејќи ја предолго топката, што беше една од причините зошто натпреварот беше продолжен за десет минути. Гвардиола, на крајот, не му подаде рака на Хендерсон, а потоа некогашниот голман на Манчестер Јунајтед им ја објасни на новинарите дискусијата што ја имал со Пеп.

„Само сакав да се ракувам со Гвардиола, мислам дека беше разочаран затоа што губев време. Му кажав дека ги доби своите десет минути во надополнување. Нема за што да се лути“, рече англискиот голман.

Единствениот погодок на „Вембли“ го постигна Езе уште во раната фаза од финалето.