Хебај: За да станеш шампион мора да победуваш против „малите“ екипи...

Шкендија си ја заврши задачата и победи на гостувањето кај Беласица. Тетовчани се многу блиску до обезбедување на нова ПМФЛ-титула.

По мечот за медиумите зборуваше асистентот на Ернест Ѓока, Фатјон Тефај.

„Мислам дека дадовме сè од себе на овој натпревар, одлично се соочивме со противникот во сите три фази, особено во фазата на напад во која доминиравме. Во транзицијата, како и во фазата на одбрана бевме неспорно подобри. Тоа значи дека тимот го даде максимумот и како резултат го освоивме цел плен од овој натпревар.

Како штаб го замоливме тимот да не го губи фокусот иако игравме со последниот тим на табелата, бидејќи Беласица покажа дека знае да изненади, гледајќи ја видео-анализата што ја направивме за противничкиот тим. Тоа е тим кој игра добро во одбрана и се обидува да се закани со контранапади. Тие ситуации ги спречивме во фаза на нивната одбрана и ги постигнавме сите три гола поради грешките што ги имаше нивната дефанзивна линија“, вели помошникот на Ѓока.

Задоволството од трите бода го истакна и напаѓачот Рубин Хебај.

„Презадоволен сум затоа што од натпревар по натпревар покажуваме дека имаме ритам, ги добиваме сите натпревари со различни начини на игра. Мислам дека сме на добар пат, затоа што за да станеш шампион треба да победиш со „малите“ тимови.

Да бидам искрен, се чувствувам многу добро. Ова беше втор погодок за мене, запишав и две асистенции. Во тие минути што ми беа дадени, се обидов да дадам сè од себе. Сепак, се надевам дека ќе имам што повеќе минутажа во иднина и ќе продолжам да постигнувам колку што е можно повеќе голови“, вели голгетерот на Шкендија.

Предноста на врвот за тимот од Тетово е огромна и би можела да му донесе обезбедување на шампионскиот трофеј веќе наредниот викенд, кога се играат натпреварите од 29. коло.