• Мартин Танасковски


„Нашите идни шампиони“ продолжува со нова серија приказни за младите спортисти кои ја градат иднината на македонскиот спорт. Powerade и Gol.mk повторно им даваат простор на оние кои допрва треба да го кажат своето име на големата сцена.
Во второто издание на оваа кампања запознаваме осум перспективни македонски спортисти, млади луѓе кои секојдневно тренираат, се жртвуваат и растат низ спортот. Преку нивните лични приказни откриваме и дел од спортскиот живот невидлив за публиката: поддршката од семејството, влијанието на тренерите, борбата до првите успеси, соништата и предизвиците на патот кон врвот.
Со оваа кампања, Powerade продолжува да ја истакнува важноста на вистинската поддршка во најсензитивните години од развојот на еден спортист. Затоа, следете ја новата генерација која доаѓа и бидете сигурни дека македонскиот спорт има светла иднина.
Првото име во новиот серијал интервјуа е Осман Хасановиќ (18), фудбалер на Пелистер и од оваа година член на кампот на репрезентацијата на Македонија до 18 години. Младиот офанзивец од Прилеп веќе се наметнува со голови, брзина и желба да остави трага на теренот.
„Со фудбалот почнав од осум години во ФК Тони во Прилеп. Таму бев до моите 15 години, потоа ме зеде Пелистер и ми се отвори шанса да играм за нив. Бев на проба, имавме натпревар во Охрид против екипа од Србија. Тогаш дадов три гола и им се допаднав како играч. Од дете ја сакав топката и среќен сум и благодарен што можам да играм фудбал. Желба ми е еден ден да оставам трага во овој спорт.“, започна Хасановиќ.
Негова најголема мотивација во фудбалот на почетокот бил неговиот татко. Секојдневно патувал од Прилеп до Битола со автомобил за да тренира, а најголемата поддршка во сето тоа му било семејството.
„Мојот татко беше моја мотивација за да почнам и да останам и денес во фудбалот. Ме носеше на тренинзи по 30 километри до Битола, никогаш не ми кажа дека нема да одам да тренирам затоа што е далеку или дека имал некои обврски и слични работи. Даде голема жртва за мене. Моето семејство е најголемата поддршка на мојот фудбалски пат.“, додава тој.
Во моментов, Хасановиќ игра за кадетскиот тим на Пелистер каде е најдобар стрелец од лани, а оваа сезона е на втората позиција. Ужива да игра на левата крилна или централната позиција во нападот, пред се заради неговата специјалност – брзината.
„Најмногу сакам на теренот да играм како лево крило или како шпиц. Имам голема брзина, па сакам да ја искористам кога играм во простор и да влезам во шанси да постигнувам голови. Експлозивноста ми е најсилен квалитет кај себе што го гледам како фудбалер, сакам да играм како Килијан Мбапе, тој ми е омилен фудбалер“, истакна младиот играч.
Оваа сезона со Пелистер, Хасановиќ играше во шампионатот на Македонија, но допрва за тимот следи битката за пехар во Купот на Македонија. Таму, по третпат оваа генерација игра за трофеј, овој пат ривал во финалето е Вардар.
„Оваа сезона Пелистер одигра 32 натпревари, јас осум кола не бев во тимот затоа што бев повреден. На оние натпревари што ги одиграв дадов 18 гола, имам преку седум асистенции. Ни следи и финале во Купот на Македонија, таму играме третпат, претходните две финалиња ги загубивме од Брера. Сега играме со Вардар, па се надевам на трета среќа, сакам да го освоиме тој трофеј во Купот“, ни изјави тој.
Офанзивецот оваа година беше дел и од селективниот камп на У18 репрезентацијата на Македонија, каде селектор е поранешниот тренер на Пелистер, Димитар Капинковски.
„Бев на последниот камп на У18 репрезентацијата што се одржа во Струмица. Игравме пријателски натпревар со Брера, задоволен сум од она што го покажав, постигнав и еден гол. Сега не сум повикан, но се надевам дека во иднина ќе се најдам на списокот. Сон ми е еден ден да ја претставувам Македонија во најдобрата селекција и да давам голови во дресот“, вели Хасановиќ.
Од омилените натпревари го издвојува во шампионатот со Победа, на кој постигнал четири гола, а Пелистер убедливо победил. Од тренерите кои најмногу влијаеле на него, ги издвојува Тони Наумоски од неговиот прв клуб во Прилеп и моменталниот Горан Ганчев.
„Најдобра партија ми е со Победа во лигата, тој натпревар ќе го паметам секогаш затоа што ми е досега најефикасен. Победивме со Пелистер, а јас бев стрелец на четири гола од вкупно девет кои ги постигнавме. Од тренерите кои ми помогнаа да се изградам како фудбалер, на мене најмногу влијаеја Тони Наумоски кој беше мој прв тренер, тој е легенда на Победа, како и Горан Ганчев со кого сега сум во Пелистер, тој многу ми помогна како играч.“, изјави македонскиот фудбалер.
Во слободно време Хасановиќ сака да пешачи и да вежба како релаксација, а важи за голем навивач на Реал Мадрид – клуб за кој би било остварување на сонот ако еден ден заигра.
„Во слободно време сакам да пешачам и да вежбам. Сакам кога имам активности со телото и сум посилен на теренот. Околу клубот за кој навивам, тоа е Реал Мадрид. Идол ми е Килијан Мбапе. Остварување на сонот би било еден ден да заиграм за тој клуб, неверојатно нешто“, заврши играчот на Пелистер.