ВИДЕО: Хасан го реши победникот, Башкими ја прекина низата на Пелистер

Екипата на Башкими, по голема борба пред своите гледачи, успеа да го совлада Пелистер со минимални 1-0 (1-0) во натпреварот од 18. коло во Првата македонска фудбалска лига. За битолскиот прволигаш ова беше прв неуспех во последните шест кола. ​

Првото полувреме во Куманово не понуди речиси ништо. Тренерите Јанакиевски и Стојановски не преземаа преголеми ризици, па тоа се одрази на играта. Се играше главно на средината од теренот и вистинските шанси изостанаа во првиот половина час. Од првата вистинска закана Башкими поведе во 38. минута преку Сумер Хасан. Стоперот по корнерот на капитенот Алити беше највисок во скокот и реализира за 1-0.

Веднаш во следната акција следуваа и првите шанси за пелистерци, бидејќи Спировски и Гроздановски беа опасни по корнер по голот на Јашар, но, иако топката се шеташе во петте метри, резултатот остана непроменет. До паузата мрежите мируваа, а голот ги размрда двете екипи и ја „зовре“ атмосферата за остатокот од мечот. 

Темпото беше малку повисоко на стартот од вториот дел, но потоа повторно започна да врне дожд, кој ги отежна условите за игра. На двете страни беа извршени по три замени, во игра влезе и Мирко Ивановски, a Пелистер се обидуваше во овие моменти да изврши повисок притисок. 

Башкими повеќе мислеше на одбраната, додека гостите изведоа неколку корнери од двете страни, но без сериозна закана по голот. Успеаја кумановчани малку да се ослободат од притисокот во периодот околу 70. минута, па повторно бевме сведоци на голема борба на средината од теренот. Темпото на игра се засили, но силниот дожд дополнително ги отежна условите на теренот. Пелистер тргна во офанзива, а прв се закани Вилдан Керим, чиј удар од добра позиција заврши над голот. Потоа следуваа обидите на Петковски и Спировски од далечина, но голманот на домашните, Јашар, беше на висина на задачата.

Најголемата прилика за израмнување битолчани ја пропуштија во 81. минута. Вилдан Керим упати силен удар од 18 метри, го совлада голманот Јашар, но топката за среќа на кумановчани заврши во стативата. Гостите тешко го пронаоѓаа патот до петерецот на Башкими, а времето минуваше и работеше во корист на кумановскиот прволигаш. Шанса имаше Ивановски, но одбиената топка замина во нов корнер, а веднаш потоа Керим ја погоди и пречката по ударот од работ на шеснаесетникот. 

Се чинеше дека Пелистер заслужи гол, но недостасуваше конкретна реализација во завршницата од нападите. До крајот видовме уште 2-3 интересни ситуации, но резултатот остана непроменет, а Башкими успеа да го затвори мечот со минимална победа (1-0). Кумановчани сега имаат 26 бода и остануваат на петтата позиција, а Пелистер останува во опасната зона со вкупно 19 бодови. 

Во следното коло, Башкими ќе има тешко гостување кај Вардар во Скопје, додека Пелистер на домашен терен ќе ја пречека екипата на Струга Трим Лум