Хари Кејн се израмни со една легенда: Рекордот стар 36 години доби уште еден сопственик.

Хари Кејн имаше совршена вечер на „Вембли“. Капитенот на Англија постигна два гола во убедливата победа над Чешка од 3-0 во Лигата на нациите, но натпреварот имаше и посебно историско значење за напаѓачот на Баерн Минхен.

Кејн го запиша својот 125. настап за англиската репрезентација, со што се израмни со легендарниот голман Питер Шилтон на првото место на вечната листа по бројот на настапи за машката репрезентација на Англија.

Шилтон до рекордот стигна во периодот од 1970 до 1990 година, а неговото достигнување цели 36 години никој не успеа да го надмине. На Кејн му беа потребни нешто повеќе од 11 години за да стигне до бројката од 125 натпревари.

„Неверојатна чест е да го израмнам рекордот на Питер Шилтон по бројот на настапи за Англија. Секогаш кога го облекувам овој дрес чувствувам огромна гордост, а нема подобар начин да се одбележи ваков момент од победа на ‘Вембли’. Да ја претставуваш својата земја за мене значи сè. Зад мене се 125 настапи, а уште многу допрва следуваат. Ви благодарам за неверојатната поддршка“, порача Кејн.

Пред себе Кејн веќе ги остави Вејн Руни со 120 и Дејвид Бекам со 115 настапи, а сега го дели само еден натпревар од самостојниот врв. Следната можност да стане рекордер би можел да ја има на 12 ноември, кога Англија на „Вембли“ ќе ја пречека Хрватска.